Новите мерки немaaт смисла: Д-р Даниловски вели дека е нeпpифатливо слепо пpecликување на мepките од другите земји

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Комисијата за заразни болести конечно се реши да ја разгледа епидемиолошката состојба во државата, меѓутоа, предложените мерки нема да имаат никаков противепидемиски ефект. Ваков е ставот на епидемиологот д-р Драган Даниловски, кој во изјава за Плусинфо вели дека препораката сите вработени во јавниот сектор да приложуваат потврда за најмалку една примена вакцина нема никаква епидемиолошка смисла.

– Веќе на сите им е одамна јасно: една доза е исто како и ниедна во однос на заштитата од заразување со коронавирусот. Очигледно е дека мотивот зад оваа препорака е да се поттикне вакцинацијата, но ваквата мерка нема никаков противепидемиски ефект. Имајќи предвид дека и вакцинираните со две дози не се заштитени во голема мера од заразување, а кај нас се покажа дека таа заштита е околу 20 проценти, дури и ако би се барала потврда за примени две дози, повторно би се постигнал незначителен противепидемиски ефект. Вакцинираните со две дози би се стекнале со чувство на лажна сигурност и би се впуштиле безгрижно во дружби. Притоа, ако би се заразиле, тие би претставувале подвижни извори на зараза, оти постои можност да бидат без или со сосема благи симптоми и тоа не би го намалило интензитетот на нивното дружење. За разлика од вакцинираните со две дози, невакцинираните и непрележаните, ако би се заразиле, би имале потешки симптоми и сигурно би си останале дома. И не би претставувале значајни извори на зараза. Настрана фактот што има лица кај кои воопшто не се развиваат антитела, особено оние кои примиле кинески вакцини – објаснува д-р Даниловски.

Тој вели дека и мерката за прележаните да приложат потврда за прележан ковид-19 не постара од 45 дена е епидемиолошки неоправдана и бесмислена.

– Секаде во светот се бара потврда за прележаност во период од 6-12 месеци, имајќи предвид дека заштитата после прележување, ако се развијат антитела, емпириски е покажано трае толку долго. Значи, многу подолго отколку по вакцинација. За мене е нејасно експертите од Комисијата како дошле до сознание дека имунитетот после прележување штити само 45 дена. Досега јас немам најдено поткрепа за тоа во ниедна научна студија. Далеку поцелисходно би било од епидемиолошки аспект, во функција на редукција на епидемиолошките ризици да се бара потврда за поседување на имунитет и од вакцинираните и од прележаните Зашто, поинаку, прележаните сосема неоправдано би биле дискриминирани – вели д-р Даниловски.

Од друга страна, епидемиолот смета дека е оправдана мерката за приложување негативен ПЦР тест за сите оние кои не се вакцинирани и кои не ја прележале болеста.

– Не е ли тоа повреда на личните права секој да си одлучува сам за себе? Не е, зашто, иако вакцинацијата е доброволна, сепак, оној кој нема антитела, а инсистира да не се вакцинира, ако би се заразил и разболел, би завршил веројатно во болница, а можеби и уште полошо. Тоа би значело оптоварување на болничките капацитети. Не се работи за тоа дека невакцинираните повеќе го шират вирусот. Не, зашто, видовме, вакцинираните може да го шират можеби и повеќе. Според член 39 од Уставот, „на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“. Како да си го остварат граѓаните уставното право на здравствена заштита, ако здравствениот систем се преоптовари? Мерката „вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници“ е само парцијално прифатлива. Зошто? Затоа што голем дел од здравствените работници веќе имаат прележано ковид-19. Неприфатливо е тие кои имаат високо ниво на антитела заради прележување да мораат и да се вакцинираат. За нив доволна треба да биде само потврда дека имаат антитела. Оние што немаат антитела, задолжително да мораат да се вакцинираат. Не може да се дозволи да имаме здравствени работници без имунитетна заштита. Инсистирањето на право на избор кај здравствените работници е депласирано и неприфатливо. Може ли војник во војна да одбие да носи пушка? – објаснува д-р Даниловски.

Тој вели дека неприфатливо е слепо пресликување на мерките од други земји.

– Комисијата за заразни болести не ги спомнала мерките за носење маска, држење растојание во затворени простории и миење раце. Тоа може погрешно да се протолкува дека тие мерки веќе не се потребни. Напротив! Исто така, неприфатливо е слепо пресликување на мерките од други земји. Зошто непотребно да се предизвикуваат тензии и поделби во амбиент кога веќе на сите им е дозлогрдено? Уште, згора, со мерки кои немаат логика – вели епидемиологот.

Извор: Плусинфо

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This