Европската Унија не смее да ги остави земјите од Западен Балкан, бидејќи и граѓаните на тие држави заслужуваат подобри услови и поголем животен стандард.
Ова го изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во Берлин во обраќањето на панелот „Проширување на ЕУ – неисполнето ветување – што сега?“ во рамки на конференцијата „Балкански дијалози“.
Би сакал да потсетам дека од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија веќе со години, односно предолго, преговараат, две земји, односно Македонија и Албанија, со години наназад чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а останатите две, Босна и Херцеговина и Косово, воопшто никој не ги споменува, нагласи претседателот Пендаровски.
Според него, поради овие причини граѓаните на земјите од регионот полека почнуваат да губат надеж дека ќе ги почувствуваат бенефитите и вредностите од членството во Унијата.
Тие се сомневаат дека регионот на Западен Балкан ќе биде во иста ситуација како што е Турција, додаде Пендаровски.
Како што соопшти претседателскиот Кабинет, Пендаровски во обраќањето го повторил ставот дека Македонија не е против нова методологија за проширувањето на Европската Унија, ниту пак е против реверзибилност на процесот ако се назадува.