Обединетите Арапски Емирати му дадоа азил на бегалецот претседател на Авганистан, Ашраф Гани, објави Министерството за надворешни работи, пренесува агенцијата ВАМ.
„Обединетите Арапски Емирати го прифатија претседателот Ашраф Гани и неговото семејство од хуманитарни причини“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Ситуацијата во Авганистан се влоши во последните недели, откако започна офанзивата на Талибанците врз големите градови. Талибанците во неделата ја презедоа контролата врз сите гранични премини. Во текот на денот милитантите влегоа во Кабул и ја презедоа контролата врз претседателската палата. Во исто време, авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата за, според неговите зборови, да спречи крвопролевање. Портпаролот на политичката канцеларија на Талибанците, Мухамед Наим, подоцна објави дека војната во Авганистан е завршена.
Поврзано
- Advertisement -