дома блог страница 3

Човештвото ќе погледне во минатото: Најмоќниот сателит на НАСА досега – ќе орбитира околу сонцето

Наскоро ќе биде лансиран најмоќниот телескоп направен досега кој ќе ни помогне да сфатиме како се создале првите ѕвезди и галаксии, но и да откриеме многу за мистериите на нашиот универзум.

Астрономите, како и љубителите на астрономијата, со нетрпение го очекуваат лансирањето на телескопот Џејмс Веб кој има потенцијал засекогаш да ги промени нашите знаења за универзумот.

Овој телескоп ќе може да погледне подалеку од кој било друг, дури и добро познатиот Хабл, а експертите се надеваат дека ќе открие како се формирале првите ѕвезди во универзумот.

Едноставно кажано, телескопот Џејмс Веб ќе може да погледне во минатото и да ни покаже како се родиле првите ѕвезди и галаксии.

Ова е најмоќниот, но и најскапиот телескоп направен досега – мисијата чини 10 милијарди долари.

Зошто се вика Џејмс Веб?
Телескопот е крстен по Џејмс Веб, вториот администратор на НАСА кој бил на функција од 1961 до 1968 година.

За јавноста, Џејмс е најпознат по мисијата Аполо со која човекот стапна на Месечината, а од НАСА сметаат дека тој е личноста која направила повеќе за Агенцијата и науката од кој било друг на слична позиција.

НАСА обично ги нарекува леталата, мисиите и слично според научници, а не бирократи како Џејмс Веб, па името предизвика контроверзии и постоеше можност да се смени.

Но, поради уделот на Џејмс, сегашниот администратор на НАСА одлучи името да остане.

Колку време се работи на овој проект и зошто чини толку многу?

Инженерите работат на телескопот Џејмс Веб 30-тина години и велат дека ова е проект за којшто не смеат да си дозволат неуспех.

Бидејќи телескопот ќе се наоѓа на огромно растојание од Земјата, поправките нема да бидат возможни, барем не со сегашната технологија, па буквално секое делче од него е тестирано илјадници пати во изминативе три децении.

Поради ова, телескопот достигна цена од неверојатни 10 милијарди долари.

Џејмс Веб ќе биде многу помоќен од Хабл кој беше лансиран во 1990 година и неговите огледала, кој се најважниот дел, се дупло поголеми.

Огледалото на Џејмс Веб е всушност најголемото огледало што ќе биде испратено во вселената и има дијаметар од 6,5 метри. Направено е од берилиум, а горниот слој од злато.

Огледалото го сочинуваат 18 хексагонални делови кои ќе бидат контролирани со над 100 мотори.

Задачата на големото огледало е да ја детектира светлината од далечно небесно тело. Бидејќи е позлатено, ќе може да детектира и инфрацрвена светлина.

Оваа светлина ќе се фокусира во секундарното огледало кое потоа ќе ја испрати до инструментите кои треба да произведат слика.

Телескопот е соработка помеѓу НАСА и Европската вселенска агенција, а деловите се направени од неколку различни компании.

Каде ќе се наоѓа телескопот и што се очекува да ни покаже?

Сите телескопи на Земјата се соочуваат со исти проблеми – светлината и земјината атмосфера.

Бидејќи атмосферата содржи влага, сигналите што допираат до телескопот можат да бидат замачкани и искривени. Светлината, пак, го намалува интензитетот на ѕвездите и небесните тела што се набљудуваат.

Одлично решение за ова се вселенските телескопи – како Хабл и Џејмс Веб.

Џејмс Веб ќе се наоѓа многу подалеку од Хабл, односно на растојание од 1,5 милиони километри од Земјата. На ова растојание се наоѓа точка (L2) каде што гравитационите сили на Земјата и Сонцето се изедначени.

Телескопот нема да орибитира околу Земјата, туку околу Сонцето.

Како што напоменавме, телескопот ќе може да детектира и инфрацрвена светлина, поради што ќе може да гледа многу подалеку во вселената.

Светлината што ја емитувале првите ѕвезди и галаксии, кога универзумот бил само неколку стотици милиони години стар, веќе е претворена во инфрацрвена. Телескопот ќе ја детектира токму оваа светлина, што значи ќе ни овозможи да погледнеме во минатото.

Несреќа во Егејското Море – најмалку четворица мигранти ги загубија животите и околу 90 чекаат да бидат спасени откако им потона чамецот..

Најмалку четири лица загинаа и околу 90 чекаат да бидат спасени откако потона чамец со мигранти во Егејското море, северно од грчкиот остров Антикитира, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми несреќата се случила вчера, а мигрантите преку европскиот број за итни случаи 112 побарале помош и рекле дека во едрилицата со која се превезувале имало околу 100 лица, по што започнала спасувачката акција на грчката крајбрежна служба.

Биле извлечени четири безживотни тела, а околу 90 лица успеале да стигнат до мал карпест ненаселен остров каде што чекаат помош.

Веројатно е дека чамецот тргнал од Турција, а крајната дестинација била Италија, исто како и чамецот што потона во вторникот во близина на островот Фолегандрос.

Ова е втора несреќа за неколку дена со загинати мигранти во Егејското море.

Во вторникот вечерта потона брод со бегалци и мигранти, беа спасени 13 лица, загинаа тројца, а се уште, непознат е бројот на исчезнати.

Косово одби: Нема да ѝ се приклучи на иницијативата „Отворен Балкан“

Косово нема да ѝ се приклучи на иницијативата Отворен Балкан, која пак има за цел да гарантира слобода на движење, стоки и капитал меѓу шесте земји од Западен Балкан кои не се членки на Европската унија, изјави косовската претседателка Вјоса Османи. Србија, Албанија и Северна Македонија се дел од заедничката иницијатива, но не и Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сите делови од регионот на Западен Балкан.

Казнети 158 возачи во Скопје во текот на вчерашниот ден

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (23.12.2021) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.

На територија на град Скопје изречени се вкупно 158 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 30 санкции, девет мерки за возење без возачка дозвола, осум санкции за возење под дејство на алкохол, пет мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила.

Изречени се 18 мерки за користење мобилен телефон, 10 санкции за некористење сигурносен појас, осум мерки за недавање првенство на минување на пешаци, 37 за непрописно паркирање.

-Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, информира МВР.

Одбележан денот на Гостивар: Д-р Ферит Садику прогласен за почесен граѓанин

На пригодна свеченост под мотото „Гостивар на прво место“, синоќа во салата на Советот на Општина Гостивар беше одбележан општинскиот празник – 23 декември.

Пред присутните, меѓу кои беа претседателот на државата Стево Пендаровски и поранешните градоначалници Енвер Зенку и Џемаил Реџепи, беше презентиран видеоматеријал во кој беа претставени над 100 проекти во кои инвестирала Општината.

Во обраќањето градоначалникот Арбен Таравари се заблагодари на неговите претходници, за кои како што рече дале многу за развој на градот и демократијата.

– На денот на Општината, сакам искрено да им се заблагодарам на секој од моите претходници. Тие во многу тешки времиња платија висока цена за да ја заштитат слободата и демократијата на градот. Затоа им благодарам на секој еден од нив, дури и на оние кои покажаа како не треба да се работи. Сите тие се градоначалници и историјата ќе ги запише на своите страници, рече Таравари.

Тој во обраќањето напомена дека како симпатизер на американскиот Устав, нема да се кандидира за трет мандат, бидејќи смета дека два се доволни.

На свеченоста, со признанието „почесен граѓанин“ беше одликуван лекарот во пензија, Ферит Садику, а благодарници за промоција на Гостивар добија Кимет Јусуфи, Ведут Пурде и Марија Милошевска за меѓународни достигнувања и светскиот првак во модерен танц Анди Исмаили за меѓународни достигнувања во уметноста.

ВМРО-ДПМНЕ: Неспособноста на Заев и Ковачевски ќе резултира и со поскапо парно

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека неспособноста на Заев и Ковачевски ќе резултира и со поскапо парно.

-Ненавременото снабдување со гас на земјава ги става корисниците на градското парно пред огромен ризик од покачени сметки. Наместо власта да набави гас навреме и да се снабди државата во пресрет на грејната сезона, земјата само што влезе во зимскиот период со опасност од големо покачување на парното, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека ова доаѓа на само месец дена откако се најави поскапување на струјата, а државните ЕЛЕМ и МЕПСО плаќаат милиони за увоз и за пенали кон европскиот систем.

Владата не презема никакви активности во насока на обезбедување сигурно и навремено снабдување со енергенси, и затоа сега плаќа десеткратно поскапо со народни пари.

За пофалба: Во Србија учебната година ќе почнува со интонирање на националната химна

Собранието на Србија синоќа усвои сет закони од областа на образованието, меѓу кои се и измените на Законот за основите на образовниот систем со кои се дефинира – учебната година да започнува на 1 септември со химната на Србија.

Во случај образовната институција да не ја изведе химната ќе треба да платат предвидени казни од 100.000 до милион динари (од 850 до 8.500 евра).

Исто така, казна од 25.000 динари (212 евра) до 100.000 динари (850 евра) може да се казни и директорот на училиштето, односно одговорното лице.

„Предложено е на почетокот на воспитно-образовната работа што се одвива во текот на учебната година, што почнува на 1 септември, да се изведува химната на Република Србија, со цел да се развие националниот идентитет на учениците, како и свеста и чувство на припадност кон Република Србија“ се наведува во образложение на законот.

Во Франција 91.608 новозаразени со Ковид-19 – најмногу во ден од почетокот на пандемијата

Во Франција се регистрирани 91.608 новозаразени со Ковид-19, што е рекорден број за еден ден од почетокот на пандемијата. Според податоците на Агенцијата за јавно здравје, во последните 24 часа низ државата се пријавени 91.608 случаи на зараза со Ковид-19, при што починале 179 лица. Во моментов во болниците се лекуваат 16.060 лица, од кои 3.208 на интензивна нега.

Францускиот министер за здравство Оливие Веран изјави дека во Франција, како и во многу други земји, „бустер“ дозата ќе заштитува од бранот со сојот Омикрон.

Во Велика Британија исто така, се забележани рекордни бројки – 119.789 регистрирани нови случаи, најмногу од почетокот на пандемијата. Претходниот ден беа 106.122. Евидентирани се и 147 нови смртни случаи. Податоците на британските здравствени служби покажуваат дека шансите пациенти заразени со сојот Омикрон да завршат во болница се за 50 до 70 отсто помали во споредба со варијантата Делта.

Претседателот на Црна Гора Ѓукановиќ позитивен на корона вирусот

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ е позитивен на корона вирусот, соопштија на 23 декември од неговиот кабинет, наведувајќи дека Ѓукановиќ се чувствувал добро и има благи симптоми. „Во согласност со епидемиолошките мерки, претседателот се наоѓа во самоизолација, од каде ќе ги извршува редовните претседателски обврски“, се вели во соопштението.

Поради контакт со позитивно лице на коронавирус, Ѓукановиќ превентивно ги откажа средбите, вклучително и средбата со претседателот на Големото Народно собрание на Турција Мустафа Шентоп.

Анкета: Половина од Германците не се задоволни од кампањата за вакцинација против Ковид-19

Секој втор човек во Германија е незадоволен од организацијата на кампањата за вакцинација против Ковид-19, покажуваат резултатите од истражувањето на „ЈуГов“ (YouGov) за германската новинска агенција ДПА.

Деветнаесет отсто од испитаниците изјавиле дека се многу незадоволни, а уште 31 процент дека се незадоволни од тоа како се спроведувала имунизацијата во изминатите 12 месеци.

Само 36 отсто изјавиле дека се задоволни, а седум проценти оти се многу задоволни, додека седум отсто одбиле да одговорат.

Во Германија на 26 декември 2020 година беа вакцинирани првите луѓе, а еден ден подоцна почна кампањата за вакцинација низ цела Европска Унија.

Оттогаш, 61,3 милиони луѓе во Германија примиле барем една доза од вакцината против Ковид-19, што претставува 73,7 проценти од населението. Околу 70,7 отсто се вакцинирани двапати, додека 35 проценти примиле три дози.

Околу 21,8 милиони луѓе во Германија (26,3 отсто од населението) сè уште не се вакцинирани.

Германскиот канцелар Олаф Шолц сака да ја поттикне вакцинацијата за време на божиќните празници и во новата година. Тој постави цел 80 отсто од населението да биде вакцинирано барем со една доза до 7 јануари.

Шолц се залага Бундестагот да одлучи од следната година да има општа вакцинација. Анкетата покажува дека 62 отсто од граѓаните се „за“ таква мерка, 29 се „против“, а девет проценти одбиле да одговорат.