Бopбата не била за демократија: Авганистан има наоѓалишта на минерали вредни билион долари

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Молскавичното талибанско заземање на Авганистан две децении по американската инвазија во таа земја предизвика политичка и хуманитарна криза, а безбедносните експерти прашуваат што ќе се случи со огромните неискористени минерални богатства на Авганистан. Станува збор за една од најсиромашните земји во светот. Но, во 2010 година американски воени функционери и геолози открија дека Авганистан има наоѓалишта на минерали вредни речиси билион долари, што би можело значително да ги смени неговите економски перспективи, пишува Си-ен-ен.

Резервите на железо, бакар и злато се расфрлани по провинциите. Тука се и ретките земни минерали и, што е можеби најважно, едно од најголемите светски наоѓалишта на литиум, битна состојка на батериите за полнење и други технологии витални за решавање на климатската криза.

Авганистан е сигурно област богата со традиционални скапоцени метали, но и метали потребни за претстојната економија на 21 век, вели Род Шуновер, научник и безбедносен експерт, основач на Еколоџикал фјучрс груп.

Безбедносните предизвици, недостигот од инфраструктура и сериозните суши ја спречија експлоатацијата на највредните минерали во минатото. Тоа веројатно нема наскоро да се смени ни под контролата на талибанците. Сепак, постои интерес на повеќе земји, меѓу кои Кина, Индија и Пакистан, кои би можеле да се ангажираат и покрај хаосот.

Меѓутоа, прашањето е во која мера тоа ќе биде возможно. Дури и пред американскиот претседател Џо Бајден да најави дека ќе ги повлече трупите од Авганистан, поставувајќи ги предусловите за враќање на талибанската власт, економските изгледи на земјата беа слаби. Се проценува дека во 2020 година 90 отсто од Авганистанците живееле под нивото на сиромаштијата од два долари дневно. Во својот последен извештај за Авганистан Светската банка кажа дека економијата останува кревка и зависна од странската помош.

Развојот и диверсификацијата на приватниот сектор се ограничени од несигурноста, политичката нестабилност, слабите институции, несоодветната инфраструктура, широко распространетата корупција и тешката бизнис атмосфера, се наведува во извештајот на Светската банка од март 2021.

Многу земји со слаби централни влади патат од „проклетството на ресурсите“, при што обидите за искористување на природните богатства не им носат ќар на локалното население и домашната економија. И покрај тоа, откритијата за авганистанското минерално богатство, создадени врз основа на истражувањата кои ги спровел Советскиот Сојуз, многу ветувале. Побарувачката за металите како литиум и кобалт, како и ретките елементи како неодимиум, е сè поголема бидејќи многу земји се обидуваат да се пренасочат на електрични автомобили и други чисти технологии за да ги намалат карбонските емисии.

Меѓународната агенција за енергија во мај соопшти дека глобалното снабдување со литиум, бакар, никел, кобалт и други ретки елементи мора нагло да се зголеми или светот нема да успее во обидот за решавање на климатската криза. Три земји – Кина, Конго и Австралија, во моментов имаат 75 отсто од глобалното производство на литиум, кобалт и другите ретки елементи. Просечниот електричен автомобил бара шест пати повеќе минерали од конвенционалниот автомобил. Литиумот, никелот и кобалтот се клучни за батериите. Електричните мрежи исто така бараат големи количества бакар и алуминиум, додека ретките елементи се користат во магнетите за работа на турбините на ветер. Американската влада проценила дека наоѓалиштата на литиум може да се мерат со оние во Боливија, каде се наоѓаат најголемите светски резерви.

Доколку Авганистан има неколку години мир, дозволувајќи развој на своите минерални ресурси, би можел да стане една од најбогатите земји во тој регион во рок од десет години, соопшти американскиот Геолошки завод во 2010 година.

Затишјето не се случи, а поголемиот дел од минералното богатство на Авганистан остана неискористен, кажа Мосин Кан, соработник на Атлантскиот совет и поранешен директор за Блискиот Исток и централна Азија во Меѓународниот монетарен фонд.

Иако има експлоатација на злато, бакар и железо, искористувањето на литиумот и ретките минерали бара многу поголемо инвестирање и техничко знаење, како и време. Се проценува дека просечно се потребни 16 години од откритието на наоѓалиштето до почетокот на рударската експлоатација. Според Кан, минералите во Авганистан годишно генерираат само милијарда долари приходи. Тој проценува дека 30 до 40 отсто се губат поради корупцијата, а исто толку земаат локалните лидери и талибанците кои ги контролираат малите рударски проекти.

Сепак, постои шанса талибанците да ја искористат својата нова моќ за развој на рударскиот сектор, смета Шуновер: „Можно е да се случи одредена консолидација и еден дел од рударскиот сектор повеќе да не биде нерегулиран. Но, сигурно е дека талибанците прво ќе мора да се посветат на безбедносните и хуманитарните прашања“.

Талибанците ја преземаа власта, но трансформацијата од милитантна група во национална влада нема да биде едноставна. Функционалното управување со новосоздадениот минерален сектор веројатно нема да се случи уште многу години, кажа Џозеф Паркс, азиски безбедносен експерт во Вериск емјплкрофт.

Кан истакнува дека било тешко да се привлечат странски инвестиции и пред талибанците да ја урнат авганистанската влада. Привлекувањето приватен капитал сега ќе биде уште потешко, особено имајќи предвид дека многу глобални претпријатија и инвеститори се придржуваат до сè повисоките еколошки, општествени и менаџерски стандарди.

Кој сега ќе вложува во Авганистан ако претходно не бил спремен да инвестира? Приватните инвеститори нема да ризикуваат, смета Кан.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This