Варуфакис го најавува кpajот на капитализмот: Веќе нe функционира основната економска логика

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Капитализмот и порано претрпувал суштински трансформации, но ова е нешто подлабоко и загрижувачко. Сите ние доброволно и бесплатно работиме за приватните пашалуци наречени Фејсбук, Амазон и Гугл.

Тврдењето дека на капитализмот му е дојден крајот и дека ќе го замени нов вид на економско уредување, звучи како повторување на бројните апокалиптични предвидувања, особено на левицата, дека капитализмот само што не умрел. Но овој пат, прогнозите можеби ќе се покажат како точни, а симптомите за тоа се видливи веќе некое време.

На капитализмот ќе му дојде крајот на следниот начин: не со револуционерен тресок, туку со еволутивен лелек. Исто како што капитализмот притаено и постепено го истисна феудализмот сè додека еден ден најголемиот дел од економските врски помеѓу луѓето беа засновани на пазарни односи, така денес капитализмот е ничкосан од нов вид на економско уредување: техно-феудализмот.

Ова силно тврдење доаѓа после бројни предвремени прогнози за смртта на капитализмот, пласирани особено од страна на левицата. Но, овој пат ова предвидување можеби е точно.

Симптомите и индициите кои упатуваат на ваков епилог се видливи веќе некое време. Цените на хартиите од вредност и берзанските акции кои согласно економската логика треба да се движат во спротивни насоки, веќе подолго време истовремено вртоглаво се зголемуваат, паѓајќи повремено, но секогаш во иста насока. Слично на тоа, цената на капиталот би требало да опаѓа во услови на економска нестабилност; но наместо тоа, таа расте бидејќи идните приноси се премногу неизвесни.

Можеби најјасниот знак дека нешто сериозно се случува се појави на 12 август минатата година. На тој ден дознавме дека во првите седум месеци од 2020 година националниот доход на Обединетото Кралство се намалил за над 20%, што беше полошо дури и од најцрните предвидувања. Неколку минути подоцна, Лондонската берза скокна за повеќе од 2%. Во историјата никогаш не се случило нешто слично. Финансиите и финансискиот сектор станаа целосно одделени од случувањата во реалната економија.

Но, дали овие нечуени настани навистина значат дека повеќе не живееме под капата на капитализмот? На крајот на краиштата, и порано се случувало капитализмот да претрпи суштински трансформации. Зар не е поедноставно само да се подготвиме за неговата следна реинкарнација? Јас не мислам така. Она што го доживуваме не е само уште една метаморфоза на капитализмот. Ова е нешто подлабоко и загрижувачко.

Да, капитализмот претрпе клучни промени барем двапати од крајот на деветнаесеттиот век. Неговата прва голема трансформација беше создавањето на првите олигополски односи во економијата (до тогаш се ценеше дека е исклучиво економско уредување базирано на принципите на конкурентност) и истото е поврзано со втората индустриска револуција, кога откритијата поврзани со електромагнетизмот ги донесоа големите електро корпорации и мегабанките кои беа потребни за нивно финансирање. Форд, Едисон и Круп ги заменија пекарот, пиварот и месарот на Адам Смит како најголеми двигатели на економијата. Следеше бурниот циклус на мега-долгови и мега-добивки кој на крај резултираше со падот од 1929 година (Големата Депресија), но и понатаму со Новиот Договор (the New Deal), а по Втората светска војна, и кон создавање на Бретон Вудс системот – кој и покрај ограничувањата на финансискиот сектор, обезбеди ретко виден период на стабилност.

Со крајот на Бретон Вудс системот во 1971 година започна втората трансформација на капитализмот. Растечкиот трговски дефицит на Америка де факто започна да ја диктира светската агрегатна побарувачка – вшмукувајќи го најголемиот дел од извозот од Германија, Јапонија а подоцна и од Кина – со што САД најенергично ја поддржа глобализација на капитализмот, притоа финансирајќи ја американската потрошувачка со профитите на германските, јапонските а подоцна и на кинески компании, кои своите добивки ги инвестираа на Волстрит или ги пласираа со купување на американски државни хартии од вредност.

Улогата пак на функционерчињата од Волстрит беше да промовираат напуштање на сите ограничувања од „ Новиот Договор“ и „Бретон Вудс“ договорот. Преку дерегулација, олигополистичкиот капитализам се претвори во „капитализам зависен од финансирање“. Исто како што Форд, Едисон и Круп ги заменија пекарот, пиварот и месарот на Смит, новите протагонисти на капитализмот беа Голдман Сакс, Џ.П. Морган и Леман Брадерс.

Додека овие радикални трансформации имаа значителни последици (Големата депресија, Втора светска војна, Големата рецесија и Долгата стагнација по 2009 година), тие не ја променија главната карактеристика на капитализмот: систем управуван од приватниот профит и потребата од живеење од рента добиена преку одредени пазари. Да, преминот од економијата на Адам Смит кон олигополски капитализам, ги зголеми профитите и им овозможи на конгломератите да ја искористат својата масивна пазарна моќ (т.е. новооткриената слобода да фунционираат во пазари во кои нема конкуренција) за да извлечат што поголеми ренти од потрошувачите. Да, Волстрит среде бел ден вршеше грабеж и влечеше рента од општеството без да биде повикан на одговорност. Како и да е, и олигополот и „капитализмот зависен од финансирање“ беа водени од приватниот профит дополнет со ренти извлечени од одредени окупирани пазари – на пример пазарите контролирани од „Џенерал електрик“ или „Кока-кола“ или пазарите кои беа магилчно креирани од Голдман Сакс.

Но по 2008 година, сè се смени. Откога во април 2009 година централните банки на Г7 земјите се договорија да ги употребат заедничките капацитети за печатење пари, за повторно оживување на глобалното финансирање, се појави длабок дисконтинуитет. Денес, на глобалната економија гориво ѝ е постојаното „создавање“ на пари од централните банки, а не од приватниот профит. Во меѓувреме, создавањето на вредноста сè повеќе се оддалечува од традиционалните пазари кон дигиталните платформи, како што се Фејсбук и Амазон, кои повеќе не работат како олигополистички фирми, туку повеќе како приватни пашалуци.

Дека билансите на централните банки (а не профитот), го финансираат економскиот систем може да ни објасни што точно се случи на тој 12 август 2020 година во Обединетото Кралство. Откога ги слушнаа лошите вести за падот на британската економија, банкарите и финансиерите си рекоа: „Супер! Банката на Англија (Централната Банка) испаничена ќе испечати уште повеќе фунти и ќе ги насочи кон нас. Време е за купување на акции!“. И така, низ целиот запад централните банки си печатат пари, кои финансиските институции ги позајмуваат на корпорациите, кои потоа ги користат за да си откупат сопствени акции (чии пак цени не се во релација со нивните добивки). Во меѓувреме, дигиталните платформи ги заменија традиционалните пазарите како центри каде се креираат масивни приватни добивки. За прв пат во историјата, сите ние без надомест (бесплатно) работиме за сè повеќе да се зголеми капиталот и профитите на технолошките гиганти. Тоа е она што го правиме додека објавуваме и споделуваме работи на Фејсбук или пак се движиме со помош на Гугл Мапс.

Секако дека не исчезнаа традиционалните гранки во приватниот сектор. Исто како што во почетокот на XIX век многу феудални односи останале недопрени, но капиталистичките односи започнале да доминираат. Денес, капиталистичките односи остануваат недопрени, но техно-феудалистичките односи почнаа да ги надминуваат.

Ако сум во право, секоја стимулативна економска поддршка е истовремено и преголема и премала. Ниту една каматна стапка нема да биде усогласена за обезбедување целосна вработеност, без притоа да се предизвикаат банкроти на корпорациите во низа. Исто така, завршено е со политиките базирани на класи, во кои едната страна фаворизира економија базирана на повеќе капитал додека другата страна се залага за економија базирана на повеќе работнички права.

Но, додека капитализмот може да заврши со лелек, наскоро потоа може да следи силен биг-бенг. Ако оние што се на другиот крај од техно-феудалната експлоатација која креира нееднаквост од фрапантни димензии најдат колективен глас, тоа ќе биде многу гласен тресок.

Јанис Варуфакис,
за „Проект Синдикат“

Извор: Офнет

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This