(Видео) Претседателот Пендаровски се обрати на одбележување на 7 Мај, Денот на полицијата на Република Македонија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на одбележувањето на 7 Мај – Денот на полицијата на Република Македонија, што се одржа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” во Скопје.

Во рамки на свеченоста, на претседателот Пендаровски, од страна на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, му беше доделена специјална плакета за партнерство и соработка.

Во продолжение интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски

Почитуван министер за внатрешни работи,
Почитувани министри во Владата,
Почитувани припадници на полицијата,
Ценети екселенции,
Драги сограѓани,
Чест ми е да ве поздравам по повод 7 Mај ‒ Денот на полицијата на Република Македонија.
Ова е значаен ден затоа што станува збор за структура која има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на јавниот ред и мир, почитувањето на човековите права и слободи и заштитата на државните граници. Со само еден поглед, врз овие исклучително важни надлежности, станува јасно дека од работата на Министерството за внатрешни работи во голема мерка зависи и довербата на граѓаните во својата држава и во нејзините највисоки институции.

Таа доверба на граѓаните во институциите мора секојдневно да се потврдува, независно дали се работи за мали локални инциденти, за борбата против криминалот и корупцијата или за големите глобални проблеми каква што е пандемијата со ковид-19. Повеќе од една година, полицијата е една од клучните алки во справувањето со пандемијата. Полициските службеници деноноќно се задолжени да асистираат на здравствениот систем во спроведување на мерките за спречување на ширењето на вирусот. Затоа, во името на македонските граѓани и во мое лично име ви благодарам.

За да ја имаат зад себе постојано довербата на граѓаните, полициските службеници се обврзани достојно да ја извршуваат професијата што ја избрале. Во вашата работа неколку принципи се круцијални:

Прво, почитување на законот и владеењето на правото. Полицијата е институцијата која најчесто прва реагира на заканите по демократскиот поредок и по животот и имотот на граѓаните, и тоа ќе го прави успешно само ако дејствува во рамките на законите, а не според желбите на поединци или влијателни структури.

Второ, професионалноста. Полициските службеници се должни да се воздржуваат од злоупотреби или од пречекорување на дадените овластувања и да не постапуваат арбитрарно во зависност од општествениот статус на поединците.

Трето, нераскинливо поврзано со претходното ‒ непристрасноста. Во секоја демократска држава законите важат подеднакво за сите. Затоа полицијата мора неутрално да ги спроведува законите, независно од етничката, социјалната, политичката, партиската или која и да било друга припадност на луѓето.

Полицијата треба да е деполитизирана и департизирана структура, од најниските подрачни единици до врвните сектори и управи во Министерството. Токму непристрасното постапување е предуслов за унапредување на односот меѓу полицијата и граѓаните затоа што без нивна поддршка полицијата не може да биде целосно ефикасна.

Четврто, пожртвуваноста во заштитата на животите, здравјето и имотот на граѓаните. Вашата професија е ризична. Денеска искажуваме почит кон сите полициски службеници кои во изминативе години ги загубија своите животи извршувајќи ја својата професионална должност. Кога во одбраната на правниот поредок и правата на луѓето ќе ја принесете највисоката жртва, тоа е доказ дека со полно право сте ја носеле службената униформа и значка.

Петто, отчетност и транспарентност пред јавноста и пред институциите. Во оваа смисла е важен институционалниот надзор врз полицијата преку внатрешната и надворешната контрола. Посебен акцент треба да се стави на превенцијата на корупцијата затоа што треба да бидат сведени на апсолутен минимум случаите кога луѓето задолжени за примена на законот, самите да го кршат законот.

Улогата на полицијата е уште поголема во хетерогени општества какво што е нашето. Катализатор во унапредувањето на таа соработка е соодветната етничка застапеност на сите нивоа во Министерството, за сите граѓани во нашата држава да имаат целосна доверба во полициските структури.

Исто така треба да се обрне внимание на улогата на жената во полицијата. Тој процес е започнат, резултатите се видливи, но потребно е целосно надминување на стереотипите поврзани со родовата еднаквост затоа што наспроти традицијата и предрасудите кои се особено силни во конзервативните општества, полицијата не е само машка професија.

За успешно функционирање на Министерството, превенцијата е клучна и затоа е потребно да се воспостават добри релации со заедницата во која се дејствува, пред да се појават проблемите.

Почитувани присутни,

Во однос на сите претходно набројани принципи и параметри, неспорно е дека Министерството за внатрешни работи денес е далеку понапред во однос на состојбите од пред 5 или 10 години кога институцијата беше само лошо камуфлиран партиски штаб. Меѓутоа, за успешно да ги исполнува своите задачи на законски и достоинствен начин, мораме да се вложуваме во полицијата.

Иако, од аспект на безбедноста, со членството во НАТО влеговме во помирни води, сепак безбедносните предизвици како што се тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер-нападите, кампањите за дезинформирање, хибридните закани, нема да исчезнат. Досегашните реформи во безбедносно-одбранбениот и безбедносно-разузнавачкиот систем значајно ги подобрија нивните перформанси и ја приближија државата до меѓународните стандарди. Но, реформите мора да продолжат затоа што и безбедносното опкружување постојано се менува.

Во таа смисла, битен предуслов се модерната опрема и вооружувањето и стандардите во работните простории, но најважниот фактор за успех, сепак, е човекот. Мора постојано да се води сметка за стручните квалификации, селекцијата, вработувањето и обучувањето на полициските службеници, а напредувањето да биде врз објективни критериуми, при што етичкиот филтер односно интегритетот на личноста или народски кажано, образот, секогаш треба да биде во преден план.

Почитувани припадници на полицијата,

Граѓаните ѝ веруваат на државата онолку колку што веруваат во нејзините институции. А една од најважните институции во секоја држава е токму Министерството за внатрешни работи. Затоа, очекувам и во периодот пред нас, како и досега, вашите задачи, кои се високоризични и сложени, да ги извршувате достоинствено и чесно и да не се срамите кога ќе кажувате каде работите.

На самиот крај, уште еднаш, дозволете ми, на сите припадници на полицијата, на сите вработени во Министерството за внатрешни работи да им го честитам 7 Мај – Денот на полицијата!

Ви благодарам.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This