Најголем интерес во Академијата има за фудбалот за кој во дисперзираните паралелки во девет града низ Македонија се запишани околу 150 ученици.
За четирите спорта, кои се изучуваат во Спортската академија (фудбал, ракомет, кошарка и тенис), ќе бидат ангажирани врвни спортски тренери од странство за да работат со учениците.
Тоа е една од четирите нови мерки за поддршка и развој на македонскиот спорт, кои ги соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска ја посети Академијата и со нејзиниот директор Дејан Јовановски разговараше за подготовките за спроведување на оваа мерка која би почнала од следната учебна година.
– Станува збор за исклучителна мерка, која треба многу да го подобри и да го поддржи квалитетот на спортот и развојот на спортските таленти во Република Македонија кои во најголем дел се во оваа специјализирана установа. Идејата за ангажирање врвни спортски тренери за четирите спорта во Академијата ќе биде дополнување и поддршка на веќе актуелниот стручен кадар кој го реализира тренажниот процес во училиштето. Сепак, како и во светот, за развој на спортот е неопходен меѓународно признат тренерски кадар за да даде стручно знаење, а ние како Министерство да дадеме поддршка за правилниот развој на овие спортски таленти, кои потоа треба да го носат државниот дрес – изјави Ристовски.
Првиот ангажиран тренер со меѓународно искуство ќе биде за фудбал – спорт за кој има и најголем интерес на Спортската академија, а потоа од година во година, рече Ристовски, ќе продолжи ангажманот на тренери и за другите спортови во Академијата.
Ристовски не соопшти имиња на тренери за кои се размислува, додавајќи дека нивните желба и време за ангажман ќе бидат пресудни.
Директорот на Спортската академија, Дејан Јовановски, смета дека новата мерка за ангажирање странски тренери ќе донесе бенефит во два правца:
– Создавање врвни спортисти кои ќе бидат носители на нашиот национален спорт, а од друга страна со ангажирањето квалитетни тренери ќе останеме во непосреден контакт со светските трендови за едукација и доедукација на нашиот веќе постојан тренерски кадар и контакти во однос на меѓународна размена на искуства – рече Јовановски.